علماي مقدونيه · македонски јазик

١.Тоа што е на небесата и тоа што е на Земјата Го слави и Го велича Аллах, Тој е Силниот и Мудриот
١٠.И што ви е што одбивате да трошите на Аллаховиот пат, а на Аллах Му припаѓа наследството на небесата и Земјата? Не се еднакви тие меѓу вас кои даваа прилози пред победата и лично се бореа - тие се на повисок степен од тие што после тоа даваа прилози и лично се бореа, а Аллах на сите им ветува најубава награда; Аллах добро го знае тоа што го правите
١٣.На Денот кога лицемерите и лицемерките ќе им велат на верниците: „Причекајте нè за да се послужиме со светлото ваше!“ – „Вратете се назад, па друго светло побарајте!“ – ќе се рече. И помеѓу нив ќе се постави преграда која ќе има врата; во неа ќе биде милоста, а вон неа страдањето
١٤.„Зарем не бевме со вас?“ – ќе ги довикуваат. – „Бевте,“ – ќе одговорат – „но се доведовте во искушение, го исчекувавте нашето уништување, имавте сомнеж (во верата) и пустите желби ве залажуваа, сè додека не дојде Аллаховата наредба, а шејтанот ве измами во врска со Аллах
٢٠.Знајте дека животот на овој свет е игра, и забава, и разубавување, и гордо натпреварување меѓу вас, и натпреварување со мноштвото имоти и деца! Пример за тоа е дождот, и растенијата од него ги восхитува сејачите, и тоа, по дождот, станува бујно, но потоа ќе го видиш пожолтено и потоа бива исушено. На овој свет има тешко страдание (за неверниците), а има и прошка и задоволство од Аллах (за верниците). А овосветскиот живот е лажно уживање
٢١.Натпреварувајте се за да заслужите кај својот Господар прошка и џеннет, простран колку што се пространи небото и Земјата, и подготвен за тие што веруваат во Аллах и во Пратениците Негови. Тоа е Аллаховата благодат којашто ќе му ја даде на тој што Тој сака; а кај Аллах има голема благодат
٢٥.Ние Пратениците Наши со јасни докази ги праќавме и по нив Книга и Мерка – правда праќавме, за луѓето да постапуваат праведно – а железото го создадовме, во кое има голема моќ и кое на луѓето им користи – и за да укаже Аллах на тие што ја помагаат верата Негова и пратениците Негови кога не Го гледаат. Аллах, навистина, е Моќен и Силен
٢٧.Потоа, по нив, еден по друг Нашите Пратеници ги праќавме, додека Иса, синот Мерјемин, не го пративме, кому Инџилот му го дадовме, а во срцата на следбениците негови благост и сомилост влеавме, додека монаштвото тие самите, како новотарија го воведоа – Ние не им го пропишавме со желба да се стекне Аллаховото задоволство; но тие за тоа не водат грижа така како што треба, па тие меѓу нив коишто ќе веруваат исправно, ќе ги наградиме, а многу од нив се непослушни грешници